Твори - Читај - Биди Хуман
Овој хуманитарен проект со книга кој се води под мотото
ТВОРИ-ЧИТАЈ-БИДИ ХУМАН започна за првпат да се реализира
во 2021 година.
-
Првата книга која излезе од печат носи наслов „Снежни стихови“ и во неа се застапени вкупно 37 автори. Сите парични средства со донација на оваа книга беа пренаменети за потребите на децата од „Дневниот центар за деца на улица“ од Скопје.
-
Втората книга која излезе од печат носи наслов „Шепотот на љубовта“, а во неа се застапени вкупно 60 автори. Паричните средства од ова дело беа пренаменети за самохраните родители од социјално загрозени семејства кои беа крајни корисници на Здружението „Љубезност“ во Скопје.
-
Третата книга која излезе од печат носи наслов „Песочен часовник“ , а во неа се застапени вкупно 30 автори. Паричните средства од оваа книга беа пренаменети за потребите на децата од дневниот едукативен центар „Сумнал“ од Скопје.
-
Четвртата книга која излезе од печат носи наслов „Херој“ , а во неа се застапени вкупно 35 автори. Паричните средства од оваа книга беа пренаменети за потребите на децата кои го посетуваат дневниот едукативен центар „Дендо Вас“ од Скопје.
-
Петтата книга која излезе од печат носи наслов „Танцот на стихиите“ , а во неа се застапени вкупно 40 автори. Паричните средства од оваа книга беа пренаменети за потребите на децата кои го посетуваат „Дневниот центар за деца со попречености“ во Валандово.
Ние, авторите на книгите, сами го финансираме печатењето на истите, а Софија Петковска како координатор на проектот, ја средува книгата и пишува рецензија.
Од 2025 година, новитет со овој проект е тоа што се започна со т.н хуман караван, односно со овој проект се собираат донации за сите градови ширум нашата земја. Прв град со кој го започнуваме овој караван е градот Валандово.
Преку овој проект, хуманитарно се помогна и на настраданите во силниот земјотрес во Турција и Сирија, на тој начин што примероците од сите три хуманитарни книги кои останаа на залиха, овојпат се донираа хуманитарно за Турција и Сирија, а сите собрани парични средства беа донирани на трансакциската сметка на Црвен Крст.
Исто така, преку овој проект, хуманитарно се помогна и на настраданите од големиот пожар во дискотека во Кочани, така што сите хуманитарни книги кои останаа на залиха, овојпат се донираа хуманитарно за Кочани, а сите собрани парични средства беа донирани на трансакциската сметка на Црвен Крст.
Ова е мал хуманитарен проект и затоа се печатат мал број копии на книги и се помага секаде по малку. Па така, со секоја хуманитарна книга, донирањето се врши на различни места. Она што е секогаш исто, тоа е дека се одбираат организации кои работат со деца или возрасни каде таргет групи им се социјално загрозени семејства, пред сѐ самохрани родители и деца.